MAX AS USSUAL, AN EPIC BATTLE FOR THE PODIUM PLACE - FORMULA 1

Breaking

FORMULA 1

Formula 1 Image Story

Wednesday, November 8, 2023

MAX AS USSUAL, AN EPIC BATTLE FOR THE PODIUM PLACE

Макс Ферстапен оствари уште една лесна победа, овој пат за Големата Награда на Сао Пауло. Холанѓанецот се одбрани од нападите на Ландо Норис на стартот, особено при вториот по црвеното знаме и во почетните кругови и оттогаш немаше конкуренција до целната линија.

Фернандо Алонсо го победи Серџо Перез во фото-финиш и се врати на победничкиот подиум. Ова беше спектакуларна трка, барем што се однесува до борбата за пласман на подиумот.

Вистина е дека Ферстапен имаше чист пат до победата, а Норис беше во "ничија земја", но борбата меѓу Алонсо и Перез за третата позиција е онаа која долго ќе се памети.
Шпанецот можеше да одржи многу високо темпо со својот Астон Мартин и го контролираше Мексиканецот во првите два стинта. Сепак, последниот стинт, 24 круга на црвените гуми, беше тој кој ја донесе целата магија, бидејќи можеше да го задржи Ред Булот кој беше залепен до него, и тоа за само 53 илјадитинки!

Ленс Строл, од своја страна, исто така имаше добро темпо и заврши на петтото место, пред Карлос Саинц Јр., кој и покрај неколкуте проблеми, прво, кумплунгот, потоа со менувањето на брзините, успеа да го задржи шестото место. Пјер Гасли, Луис Хамилтон, Јуки Цунода и Естебан Окон го комплетираа списокот соосвојувачи на поени.
Дваесеттата трка од 2023 сезоната се возеше на патеката Хозе Карлос Паче, Интерлагос, за Големата Награда на Сао Пауло. Ова беше последниот Спринт викенд за оваа сезона.

Макс Ферстапен стартуваше од Пол позицијата, а Астон Мартин од вториот ред благодарение на нивните добри перформанси во петочните квалификации.

Холанѓанецот беше сам на првиот стартен ред бидејќи Чарлс Леклер во загревачкиот круг изгуби контрола над својот Ферари и во седмиот свиок заврши во заштитните бариери покрај патеката, па беше принуден да се откаже уште пред да ја стартува трката.
Според првичните информации од таборот на Ферари, Моначанецот иако мислеше дека има проблеми со хидрауликата, проблемот бил во контролната електроника, кој често создава проблеми на возачите.

И покрај инцидентот, тој успеа брзо да ја напушти патеката и стартот се случи во предвиденото време.

Стартот беше хаотичен.

Макс Ферстапен имаше добра реакција, но возачите на Астон Мартин не, и тие беа претекнати од Ландо Норис, кој со одличен старт успеа да се пласира на второто место, и Луис Хамилтон кој се позиционираше на третото. Алонсо беше четврти, пред Строл, Расел, Перез и Саинц Јр..

Но, поназад во поредокот Алекс Албон имаше добар старт, но дојде до контакт со болидите на Хас, по кој тој и Кевин Магнусен завршија во бариерите покрај патеката со значително оштетување на своите болиди.

Безбедносно возило веднаш излезе на патеката, но беше неопходно црвено знаме за отстранување на болидите, нивните остатоци расфрлани низ асфалтот како и поправка на бариерите.
По речиси половина час пауза, трката беше рестартирана во 18:31 часот по наше време.

Новиот стартен редослед беше: Ферстапен, Норис, Хамилтон, Алонсо, Строл, Расел, Перез, Саинц Јр., Окон, Цунода, Гасли, Ботас, Џоу, Сарџент, Хулкенберг, додека Пјастри и Рикиардо стартуваа од пит-линијата бидејќи на нивните болиди се работеше во нивните гаражи (целосна промена на задно крило).

Вториот старт беше почист. Првата четворка стартуваше добро и ги задржа позициите во првите три свиоци, но Фернандо Алонсо во четвртиот свиок го мина Луис Хамилтон со одлично сопирање во внатрешноста.

Џорџ Расел и Серџо Перез се ослободија од Ленс Строл, додека Карлос Саинц Јр. остана на осмото место, зад Канаѓанецот. Возачите на Алпин го комплетираа топ 10.

Во првите кругови, Ферстапен не можеше да го извлече Норис надвор од ДРС зоната. Алонсо, од своја страна, заостана над две секунди зад Британецот и речиси две секунди пред Хамилтон.

Возачот на Мерцедес АМГ формираше ДРС воза зад себе со Расел, Перез, Строл, Саинц Јр.
Ландо Норис во два наврати успеа да се позиционира паралелно со Макс Ферстапен, но не успеа тоа да го материјализира со претекнување. Холанѓанецот по овој обид си ја сфати работата посериозно и набрзо создаде речиси две секунди во однос на својот гонител.

Изненадувачки, темпото на Фернандо Алонсо во првите десетина кругови беше многу добро. Макс Ферстапен веќе имаше нешто повеќе од две секунди пред Ландо Норис, но Британецот не можеше да се оддалечи од Шпанецот и имаше предност од само 1.8 секунди. Понатаму, Луис Хамилтон веќе заостануваше повеќе од три секунди зад Фернандо.

Серџо Перез се измори од чекање во четиринаесеттиот круг и тргна во напад. Мексиканецот прво го претекна Џорџ Расел при сопирање во првиот свиок и ја одбрани позицијата во свиокот 4.

Четири круга подоцна, во 18-от свиок, Хамилтон беше лесен плен и без ДРС-системот, па возачот на Ред Бул веќе беше на четвртото место, осум секунди зад Алонсо.

Луис Хамилтон, откако беше претекнат од Чеко, во 19-от круг се реши да го отвори влегувањето во боксевите за промена на гуми и црвените ги замени со жолти пневматици.

Расел застана во 20, а Перез во 21 круг, и повторно се најде зад Луис Хамилтон, иако во 23 круг повторно успеа да го претекне. Строл го направи својот пит-стоп во 23 круг, Алонсо во 26 круг, Саинц во 27, а Ферстапен и Норис во 28 круг.
Со повторно стабилизирање на трката, Ферстапен имаше пет секунди предност пред Норис и десет пред Фернандо Алонсо кој го имаше Перез нешто повеќе од три секунди зад себе, со многу добро темпо.

Ленс Строл, откако ги претекна возачите на Мерцедес АМГ, веќе беше на петтото место, пред Хамилтон, Расел и Карлос Саинц Јр..

Во овој дел од трката, двајца возачи беа во режим на бркање на болидот пред себе, и тоа Карлос Саинц Јр. и Серџо Перез. Шпанецот стана голема закана за Мерцедес АМГ, па во 35-от круг го претекна Расел, два круга подоцна и Луис Хамилтон.

Серџо Перез постепено ја намалуваше разликата во однос на Алонсо, но не успеа да влезе во ДРС зоната зад болидот на Астон Мартин. Потоа следуваше промена на темпото од страна на Фернандо Алонсо по што успеа да ја зголеми својата разлика пред Мексиканецот.

Гумите на болидот на Ред Бул започнаа да губат перформанси, па стратегистите на тимот одлучија да го повикаат Чеко во бокс во 47-от круг, потег кој беше проследен од Хамилтон и Гасли.
Фернандо Алонсо и Астон Мартин одговорија на заканата од "undercut", во следниот круг, по што Шпанецот излезе на патеката со нешто повеќе од три секунди предност во однос на Чеко и со нови црвени гуми.

Останатите претпочитаа да го продолжат стинтот. Карлос Саинц Јр. го направи своето второ застанување во 52-от круг, а Ленс Строл реши да влезе во следниот, но неговото застанување не беше добро, 4.3 секунди, по што на патеката излезе со само две секунди пред единственото Ферари на патеката.

Во меѓувреме, Перез беше речиси во ДРС зоната на Алонсо, кој се обидуваше да ја спроведе истата стратегија што ја правеше претходно.

Макс Ферстапен реши вторпат да ги замени гумите во 57-от круг и му го предаде водството на Ландо Норис, но само за три круга, бидејќи Британецот се упати во бокс во 60-от круг.

Со 11 круга до крајот, Серџо Перез веќе беше во домет за сериозен напад на болидот на Астон Мартин, па така додека Ферстапен беше на пат кон својата 52-та победа во Формула 1, а Ландо Норис го имаше второто место, Алонсо и Перез ни приредија добра битка за последното скалило на победничкиот подиум.

Нандо можеше да ги издржи нападите на Мексиканецот многу кругови, но крајот на трката изгледаше спектакуларно. Чеко успеа да го помине Алонсо во претпоследниот круг, со одлично сопирање во првиот свиок.
Но, Фернандо не се откажа и го врати третото место во последниот круг, во 4-от свиок, а потоа со сите сили мораше да се одбрани до целната линија, што на крај му успеа во фото-финиш, и предност од само 53 илјадитинки, разлика која не можеше да биде забележана од човечкото око.

Зад овие четворица заврши Ленс Строл, кој повторно изгледа како на почетокот на сезоната. Карлос Саинц Јр. имаше проблеми со менувањето на брзините на крајот од трката, но беше шести, пред Пјер Гасли, Луис Хамилтон, Јуки Цунода и Естебан Окон.

No comments:

Post a Comment